Google неодамна го претстави својот Street View сервис и во Велика Британија, но не помина долго време пред да наиде на големи проблеми и отпор кај корисниците, поради кои мора да отстрани голем број на фотографии кои се окарактеризирани како "вознемирувачки за јавноста".
Меѓу спорните фотографии кои Google ги објави на својот сервис во Велика Британија се наоѓа и фотографија на голо дете сликано на пикник во Лондон.
Од останатите "осетливи" фотографии кои Google мора да ги отстрани може да се издвојат пијаниците кои повраќаат по улица, луѓето кои излегуваат од секс продавници, како и сите фотографии од куќата на Тони Блер.
Официјални лица од Владата во Британија веќе најавија преземање на соодветни мерки и целосна истрага, доколку повторно се случи на сервисот да биде објавена некоја фотографија од голо дете.
Од Google пак ладнокрвно одговараат на сите обвинувања, укажувајќи дека сите "осетливи" фотографии кои може да се видат на Street View може да бидат експресно отстранети доколку се кликне на линкот "Report Concern".