-->

Албум виа YouTube

Подгответе се за еден од најдобрите и најиновативните албуми кои ќе ги чуете оваа година.

Израелскиот музичар Кутиман има нов албум, кој е во целост сочинет од исечоци од YouTube! Верувале или не, тоа всушност звучи фантастично.

Албумот е наречен "Thru You". Инструментот се вика YouTube. Музичари? Па има околу стотина, кои најверојатно дури сега дознаваат дека учествувале во создавањето на овој одличен албум.

Израелскиот музичар Кутиман веќе има издадено еден албум кој забележа одлични оцени кај критичарите, но ова е нешто сосема поинакво. Новиот албум е создаден целосно од семплови позајмени од YouTube, а колку е тоа тешко може и сами да се уверите по преслушувањето на првата трака наречена "The Mother Of All Funk Chords". Тоа што изненадува во целата приказна е колку всушност добро звучат овие миксови.

Нормално, заради ваквиот пристап, секоја од песните во албумот е и сингл и видеоспот, а спотовите се до толку фантастични што на нив може да забележите како Кутиман мајсторски успеал да спои еден куп неповрзани, па дури и немузички исечоци. Се надеваме само дека никој од искористените учесници во овој албум нема да поднесе тужба до Кутиман заради користење на нивните авторски материјали.

Албумот во целост може бесплатно да го преслушате на адресата http://thru-you.com/, а подолу може да ја погледнете и третата трака од албумот и наш личен фаворит, "I'm New".

 

Copyright © 2009 selotejp.com