-->

Најмалку 50 загинати во земјотресот во Италија

Најмалку 50 лица загинаа во разорниот земјотрес кој рано утринава го погоди централниот дел на Италија, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони.

Епицентарот на потресот со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала бил во градот Аквила, на 100 километри источно од Рим.

Поголем дел од населението во времето на потресот спиело во своите домови, бидејќи тој се случил во три часот и 30 минути по локално време. Многу луѓе се уште се наоѓаат под урнатините.

Над 1.500 пожарникари и 200 полицајци и карабињери се испратени во Аквила. - Тие ќе помогат во расчистување на урнатините и згрижување на повредените, додаде Марони.

Во потресот се уништени згради и цркви во Аквила. Делови од урнатините го блокирале цел град и блиските патишта, поради што се отежнува работата на спасувачките екипи по преживеани.

- Илјадници луѓе ќе останат без покрив над главата, а повеќе од илјада згради се урнати или оштетени, изјави претставник на Цивилната заштита Агостино Мјоцо.

Четири деца загинале кога се урнала една зграда во градот Аквила, две лица загинале во блиското село, а петмина во соседното село.

Голем број луѓе се повредени или заробени под урнатините, соопштија официјални претставници.

Поголем дел од романските и црквите од периодот на Ренесансата се урнати, а оштетени се и дел од студентскиот дом и хотел во Аквила.

Одделни мостови и автопатот кој минува низ планинскиот предел се затворени за сообраќај, поради претпазливост.

Околу 4 часот и 30 минути, само еден час по првиот потрес, истото подрачје го погодил уште еден земјотрес со интензитет од 4,8 степени според Рихтеровата скала.

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони го одложи патот во Москва и рече дека прогласил вонредна состојба во земјата за да овозможи користење на парите од хуманитарните фондови за обезбедување помош и обнова.

Сеизмичката активност во Италија е вообичаена појава но ретко се случуваат силни и разурнувачки потреси, но тие можат да бидат многу опасни бидејќи голем број згради се стари и над сто години.

 

Copyright © 2009 selotejp.com