-->

Абас ги објави условите за мир со Израел

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ги објави за време на посетата во Багдад, условите за обновување на мировните преговори со Израел, кои веќе со месеци се во застој.

Абас за време на викендот нагласи дека новата израелска Влада би морала да го „прифати создавањето на палестинска држава, да ја запре изградбата во еврејските населби на Западниот Брег и да ги отстрани бариерите на патишата, за да може да се обнови дијалогот и да се постигне политичко решение“.

Абас е првиот палестински лидер кој го посети ирачкиот главен град од воената интервенција на САД на таа земја во 2003 година. Во меѓувреме, новиот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека наредните неколку недели ќе ги посвети на разгледување на политиката чија цел е напредок во мировнот процес.

Првиот чекор е формирање на таканаречен безбедносен кабинет рече тој во момент на загриженост дека новата Влада, во која доминираат десничарски и верски партии, би можела да го поништи секој напредок постигнат во мировните преговори со Палестинците и Сирија додека на власт беше претходникот на Нетанјаху, Ехуд Олмерт.

- Оваа Влада е вистинска Влада на единство, рече Нетанјаху на првата седница на Владата, нагласувајќи дека „таа е создадена како резултат на чувство на одговорност бидејќи неопходно е итно да се занимава со безбедноста, економските и социјалните предизвици со кои Израел се соочува.

Израелскиот министер за одбрана, лидер на Лабурстичката партија на левиот центар Ехуд Барак, рече дека Израел ја обврзуваат договори потпишани со Палестинците, признавајќи дека не е ослободен од сомневањето, иако го поддржуваше влезот на својата партија во Владата предводена од лидерот на конзервативецот на Ликуд Нетанијаху.

- Само времето ќе покаже дека тоа беше вистински потег, рече Барак, оценувајќи дека за неговата партија која беше и во претходната Влада со центристичкиот Кадима, ќе се суди врз основа на способноста да влијае на одлуката на новиот кабинет и на резултатите.

- Владата на Израел е обврзана на сите поранешни дипломатски и меѓународни договори и ќе продолжиме да работиме на постигнување на договорот за мир со сите наши соседи и ќе формулираме план за регионален договор кој вклучува мир и соработката, рече Барак.

Неговата изјава е спротивна на мислењето на новиот шеф на дипломатијата Авигдор Либерман, лидер на ултрадесната партија „Израел нашиот дом“, кој рече дека Израел не го обврзуваат ветувањата од собирот во американскиот град Анаполис кон крајот на 2007 година, кога се обновени мировните преговори со Палестинците.

Сирискиот претседател Башар Асад го повика во меѓувреме САД да одиграат активна улога во напредокот за регионален мир.

Повикот е упатен после состанокот на Асад со двајца членови на американскиот Конгрес, кои изразија оптимизам во однос на шансите за зголемена соработка на двете земји.

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама ја преиспитува политиката на САД спрема Сирија и дали да го врати амбасадорот во Дамаск, повлечен прет три години после убиството на поранешниот либански премиер Рафик Харири за кој се осомничени Сиријците, иако Дамаск ја негира вмешаноста.

Приближувањето на Сирија и САД би помогнало и за обновувањето на индиректните преговори со Израел со посредство на Турција започнати во мај 2008 година и прекинати кон крајот на таа година заради офанзивата на Израел врз Појасот Газа.

 

Copyright © 2009 selotejp.com