Кредитот од ММФ ќе ја чини Македонија седум пати помалку, отколку ако се задолжи кај некоја од странските комерцијални банки, покажуваат пресметките.
Фондот поткован со нови 750 милијарди евра за кредитирање, нуди кредити со каматна стапка од 1,4 отсто без дополнителни трошоци. Според кредитниот рејтинг на земјава, кредит во некоја од странските комерцијални банки би не чинел околу 10 отсто камата.
Она што е негативно кај фондот е преголемата интерференција во државните работи, што во одредено случаи може да делува ограничувачки за развој на економијата.
На Македонија и е потреба инјекција од околу половина милијарда евра за да се надминат последиците од светската економска криза, изјавил висок државен функционер минатата недела за „Ројтерс“. Оваа сума би требало да ги надокнадат намалените девизни резерви, но и паричните пратки од иселениците.
- Сведоци сме дека се намалени инвестициите во земјава. Намален е и извозот како и на крајот влезот на капитал. Но, ние ќе предземеме соодветни мерки. Зборувавме со стопанствениците, банкарите и експертите и ќе пронајдеме соодтветно решение - изјави денес премиерот Никола Груевски.
На новинарско прашање дали економските министри Славески и Ставрески се во Лондон за да преговараат со банките за кредити, премиерот не даде конкретен одговор.
- Нашите министри постојано патуваат, било да станува збор за средба со инвеститори или за друго - вели Груевски.
Како опции за странски банки кај кои може да се задолжиме во јавноста се спомнуваат Мерил Линч, УБС, Дојче Банк и Браклис.