-->

Ахмадинеџад побара да се почитуваат правата на осудената новинарка

Претседателот на Иран Махмуд Ахмадинеџад денеска го повика иранското правосудство да гарантира дека американската новинарка со иранско потекло Роксана Сабери, осудена во Техеран на осум години затвор под обвинение дека шпионирала за САД, ќе може да го користи своето законско право да се брани.

Писмото на Ахмадинеџад до обвинителството следи еден ден откако судот во Техеран на Сабери и изрече осумгодишна казна затвор. Адвокатот на Сабери, Абдолсамад Корамшаи истакна дека ќе вложи жалба на пресудата.

Американскиот претседател Барак Обама и државниот секретар Хилари Клинтон вчера изјавија дека се длабоко разочарани поради одлуката на Иран да ја осуди американската новинарка. Властите во Вашингтон претходно соопштија дека обвиненијата против Сабери се неосновани и побараа таа веднаш да биде ослободена.

Процесот против 31-годишната новинарка почна во понеделникот. Таа беше уапсена во Иран во јануари поради купено шише вино. Првично против неа беа покренати обвиненија дека работела како репортер во Иран откако поминала важноста на нејзината акредитација.

 

Copyright © 2009 selotejp.com