Постоечкиот напредок во биомедицината, технологијата, глобалните и безжични комуникации, како и спојот на истите веќе некое време овозможува нашето тело и сите негови функции да бидат под 24-часовен медицински надзор. За жал, како што праксата со многу медицински иновации веќе покажала, ќе поминат години додека спојот на наведените позитивни предуслови ќе може да се спроведе во пракса.
Сепак, на пазарот постојат веќе неколку компании кои нудат вакви решенија. Еве мал преглед на некои од нив.
Proteus Biomedical - водечки играч во овој дел од индустријата
Овој производител понуди прилично интересно решение за следење на човечкото здравје. Под името Raisin се крие минијатурен сензор кој пациентот го проголтува, а кој потоа информациите како што се влијанието на одреден лек врз човечкото тело, количината на дозите како и физиолошките отчукувања на срцето, бројот на вдишувања и слични податоци ги праќа на соодветен приемник. Приемникот е сместен како фластер на кожата или како чип е вграден под кожата, а кој собраните информации со безжична врска ги праќа на матичниот доктор.
Proteus системот моментално е во фаза на клиничко испитување.
Toumaz - 24-часовен надзор на вашето тело
Компанијата Toumaz го нуди системот наречен Sensium. Иститот е вообличен во уред кој човекот цело време го носи на себе, а кој ги бележи податоците како активностите на срцето, температурата, нивото на шеќер и кислород во крвта и многу други. Сите собрани информации се праќаат со безжична врска на соодветен онлајн сервис кој на сопствениците на овој уред периодично им доставува различни извештаи за нивното здравје.
Cardionet цели во срцето на проблемите
Компанијата Cardionet изработи систем чие внимание е насочено директно врз работата на срцето на човекот кој е опремен со овој уред. Пациентот освен самиот уред носи и три кабли со сензори, сместени во подрачјето на срцето, а преку кои се собираат сите податоци за работата на најважниот мускул во телото.
Сите податоци се бележат во реално време, а истовремено преку мобилна безжична мрежа се праќаат во соодветната ординација на пациентот.
Засега технологиите на овие три компании ни изгледаат како научна фантастика, но веќе за неколку години сосема сигурно ќе се чудиме како воопшто сме можеле да живееме без овие додатоци.