-->

Намален бројот на семејно насилство во Тетово

Во првото тримесечие од оваа година, во Тетово и Тетовско поднесени се три кривични пријави за семејно насилство против исто толку сторители-мажи. Двајца од пријавените насилници се сопрузи, а еден е син информираат од СВР Тетово.

- Во првите три месеци во 2008-ма година евидентирани се девет кривични дела „семејно насилство’’ што значи дека бројот на пријавените потешки случаи на стартот од годинава е забележително помал. Две од „жртвите’’на годинашното семејно насилство се сопруги, а една е татко. И во овие случаи, карактеристично е тоа што доминантна причина за насилството се психичките растројства и разно-разните пороци, а пред се алкохолот, рече портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Тој истакна дека според полициски истражувања неофицијални се претпоставува дека вкупната бројка на овој вид дела е далеку поголема, меѓутоа многу од „жртвите’’ или не ги пријавуваат или не бараат кривичен прогон, туку само усно или писмено предупредување.

- Сепак, она што е евидентно е дека за разлика од пред пет-шест или повеќе години, во последно време се погласно се зборува за семејното насилство. И не само тоа, туку и се почесто се пријавува во полициските одделенија или станици на подрачјето што го покрива СВР Тетово, што не беше појава порано, рече Јосифоски.

Според него очигледно е дека целосно се менуваат старите стереотипи и предрасуди дека сите кавги и надоразбирања во семејството треба да останат внатре, односно дома и по можност да не ги слушнат соседите и пријателите.

 

Copyright © 2009 selotejp.com