Американскиот претседател Барак Обама синоќа на отворањето на Петтиот самит на Јужна и Северна Америка во престолнинатата на Тринидад и Тобаго, Порт оф Спејн, рече дека САД сакаат „нов почеток“ во односите со Куба и нова ера во соработката со земјите од Латинска Америка и Карибите.
Присутните на отворањето на Самитот, забележаа дека Обама се ракуваше со претседателот на Венецуела Уго Чавез, еден од најострите критичари на политиката на Вашингтон во регионот.
- Не можеме да си дозволиме себеси да останеме заробеници на несогласувањата од минатото, истакна Обама и вети дека САД ќе му понудат помош на регионот во борбата против последиците од светската економска криза и климатските промени, како и против опасностите кои ги носат шверцот со наркотици и трговијата со луѓе.
- Соединетите Американски Држави сакаат нов почеток со Куба. Знам дека треба да се помине долг пат за да се надминат децениските недоразбирања, но ние можеме да преземеме чекори кон едно ново време, рече Обама.
Тој додаде дека е подготвен да ја ангажира својата администрација да соработува со кубанската Влада за многу прашања како што се заштитата на човековите права, слободата на говорот и демократските промени кога станува збор за проблематични прашања, како што се шверцот со наркотици, имиграцијата или економските теми.
Кубанскиот претседател Раул Кастро вчера изјави дека Куба е подготвена за дијалог со САД, но под услов тој да се води на еднакво ниво и при тоа да не се поставува прашањето за суверенитетот на земјата.