-->

Мекларен ќе го жртвува и Витмарш за Хамилтон?

Светската автомобилска федерација официјално побарала од британската телевизија Би-Би-Си снимка од интервјуто што новиот тимски шеф на Мекларен, Мартин Витмарш го дал по трката во Мелбурн.

Сознанијата велат дека во тоа интервју, тој го посочил Јарно Трули како виновник за престигнувањето на Луис Хамилтон при аплицирано возило за безбедност (кога е забрането престигнување), со што де факто станува соучесник во скандалот што подоцна се случил кога Дејв Рајан (спортскиот директор) и Луис Хамилтон ги излажале стјуардите на ФИА.

Откако ФИА утврди дека во официјалната радио-комуникација Хамилтон добил наредба да го пропушти Трули, возачот на Мекларен беше исклучен од резултатите, а екипата е повикана да се појави пред Светскиот совет за моторспорт на 29 април.

Во меѓувреме, Мекларен објави дека го отпуштил Дејв Рајан, врз кого падна целата вина, но со новиот расплет на околностите, се чини дека ФИА „ја бара главата“ и на Витмарш. Екипата пред ФИА ќе треба да одговори на пет прашања (обвинувања), а доколку и тимскиот шеф знаел за лагата, тоа ќе биде шеста точка и дополнително ќе ги комплицира работите, за кои се верува дека ќе завршат со забрана за настап на одреден број трки или суспензија на екипата за одредено време. Истовремено, видливо е дека ФИА го нема истиот гнев и кон возачот, како кон екипата.

 

Copyright © 2009 selotejp.com