Државната изборна комисија денеска на Ѓорге Иванов му врачи уверение за избор за претседател на Република Македонија. Иванов, откако го доби уверението изјави дека тоа е документ кој е израз на волјата на гласачите на претседателските избори и најави дека како претседател тој ќе биде обединувач на сите граѓани и персонификација на државата.
- Официјално сум избран за претседател на Република Македонија. Функцијата на претседателот е да обединува. Тој не може да биде определен кон една страна, една политичка опција или еден дел од општеството, туку мора да е персонификација на државата, рече Иванов.
Тој најави дека периодот до неговата инаугурација на 12 мај ќе го искористи за натамошни средби и консултации со повеќе политички и општествени субјекти, се со цел, како што рече, подготвено да се влезе во тешкиот период низ кој поминува државата.
Првото што ќе го направи по инаугурацијата, додаде Иванов, секако е средбата со претседателот Бранко Црвенковски, како дел од традицијата на примопредавање на функциите. Иванов најави дека чинот на инаугурација ќе биде посвечен од она што било случај досега, додавајќи дека тоа е во духот со демократските вредности кон кои се стреми Македонија.
Во името на Државната изборна Комисија уверението на Иванов му го предаде претседателот на Комисијата Александар Новаковски кој честитајќи му го изборот истакна дека Македонија на овие избори успешно ги надминала предизвиците и со тоа што овозможила тие да бидат фер и демократски.
- Можеме да кажеме дека ДИК, заедно со сите институции, граѓаните и политичките партии успеавме во Македонија да спроведеме успешни избори. Тие беа една од деветте точки во насоките за исполнување на условите за членство во ЕУ. Според сите оценки условот е исполнет, рече Новаковски посакувајќи му среќа на Иванов во извршувањето на претседателската функција.
Со ставот на ДИК се согласи и Иванов кој истакна дека сите очекувања Македонија ги исполни и оти сега никој нема да може да каже дека спроведувањето на изборите е кочница за натамошните евроатлански интеграции на земјата.
- Покажавме дека може да одржуваме избори без забелшки. Тоа значи дека ни се отвораат европските перспективи. Покажавме дека може да се однесуваме европски, создадовме европски амбиент за што треба да им упатиме благодарност на граѓаните кои ја почувствуваа сериозноста на моментот, додаде Иванов.
Неговата инаугурација е закажана за 12 мај, кога и официјално треба да ја преземе функцијата од претседателот Бранко Црвенковски. Иванов е првиот претседател, чиј работен кабинет нема да биде во македонското Собрание, туку во нови простории блиску до претседателската вила на Водно.