Египетската кралица Нефертити, позната и како Мона Лиза на стариот свет, сепак не била убавица какo што досега се веруваше, тврди група на германски научници.
Благодарејќи на модерната технологија германските научници открија дека славната биста на кралицата Нефертити има две лица. Тимот на експерти од медицинскиот факултет под водство на докторот Александат Хуперц користејќи ја компјутерската томографија откри дека под надворешниот слој на нејзиното лице се наоѓа камен лик чии црти се прилично поинакви.
Внатрешната верзија има помалку нагласени јаболчници, неправилен и заоблен нос и бори околу усните и очите. Хуперц смета дека површинските промени се направени според наредба на самиот фараон Акенатон, со цел ликот на неговата избраничка да одговара на тогашниот идеал на убавина.
Според најновото откритие, за изгледот на нилската убавица се заслужни корективните зафати од непознат египетски склуптор, пренесува Ројтерс.
Бистата на кралицата Нефертити, стара 3.000 години, пронајдена е во Египет во 1912 година. Поради симетричните линии и убавината скулптурата привлекува илјадници поклоници од целиот свет. Дел е од збирката на берлинскиот Нов музеј.