-->

Откриена античката Струмица

Монети од времето на античкиот крал Филип Втори кои потекнуваат од четвртиот век пред нашата ера и на кои е претставен ликот на богот Аполон се пронајдени на локалитетот Цареви кули во близина на Струмица, каде што, според археолозите, се наоѓал античкиот град Астраион.

Монети од времето на античките македонски кралеви се ископани на повеќе домашни археолошки локалитети, но за првпат се откриени во Струмичко, каде што периодично се истражува од 70-тите години на минатиот век. Раководителот на проектот, археологот Зоран Рујак, вели дека покрај паричките има и други наоди од тоа време, кои сведочат за постоењето антички град во оваа област. - На локалитетот најдовме амфори од 5 и од 4 век пр.н.е, приврзок со претстава на бронзен орел од 4 век пр.н.е, написи на керамички плочки, накит, фрагменти од вазни и друго - вели Рујак. Сите наоди се ископани за време на последните истражувања на локалитетот, почнати пред еден месец.
Археолозите тврдат дека најновите откритија ја потврдуваат старата теза според која токму на местото каде што сега се наоѓа Струмица постоел античкиот град Астраион. - Сега сум сигурен дека тука живеел Астраион. Наодите покажаа дека градот постоел уште од 5 век пр.н.е, од времето на Филип Втори “ објаснува Рујак. Досегашните наоди на Цареви кули укажуваат дека живот на Струмичката тврдина имало од енеолитот (5000 години пр.н.е), кој продолжил и во средниот век, се до крајот на 16 век. - Најдени се праисториски куќарки-земјанки во карпа, доцноантички бедем и две кули под средновековниот бедем на тврдината.
Постојат и артефакти кои покажуваат дека местото каде што се наоѓала Струмичката тврдина се користело за време на Балканските војни и за Двете светски војни - вели Рујиќ. Министерството за култура одвои три милиони денари за почетокот на годинешните археолошки зафати на наоѓалиштето Цареви кули. Од Министерство велат дека, по најновите пронајдоци, за локалитетот ќе бидат одвоени уште средства. На Струмичката тврдина ќе се ископува една година.

 

Copyright © 2009 selotejp.com