По претходно спроведена дисциплинска постапка во текот на изминатата недела Министерството за внатрешни работи донело четири решенија против четворица свои вработени поради сторени повреди во работењето, соопшти денеска МВР.
На вработениот полициски службеник во Одделот за криминалистичка техника М.М. изречено му е отказно решение поради неоправдано изостанување од работа во текот на три последователни дена.
На двајца вработени изречена им е парична казна заради пречекорување на службените овластувања. Станува збор за С.А., полициски службеник во Сектор за полиција, кому паричната казна од 15 проценти од месечната плата во наредните шест месеци му е изречена поради тоа што поминал наплатна рампа со службена легитимација, и за С.С., полициски службеник при СВР Охрид, кому му е изречена еднократна парична казна во износ од 15 проценти од месечната плата бидејќи ја поминал државната граница без согласност од претпоставениот старешина.
Министерството за внатрешни работи, за вработената Љ.Ч., документарист при СВР Струмица, донело решение со кое се запира дисциплинската постапка поведена против неа, бидејќи не била констатирана повреда на ниту еден член од Колективниот договор на МВР.