Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во обраќање пред учесниците на Меѓународната конференција за прашањата на расизмот, го обвини Израел за расизам кон Палестинците.
- По завршувањето на Втората светска војна, сојузниците прибегнаа кон воена агресија, за да го лишат еден цел народ од неговата земја, при што за да го оправдаат тој чекор го користеа страдањето на еврејскиот народ, нагласи Ахмадинеџад во обраќањето на форумот, што се одржува во Женева.
- Тие испратија имигранти од Европа, од САД и од светот на Холокаустот, за да формираат една расистичка влада во окупираната Палестина, рече иранскиот претседател.
По овие зборови на Ахмадинеџад претставниците на Европската унија ја напуштија конференциската сала во зградата на Обединетите нации во Женева.
Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун претходно денеска изрази жалење поради одлуката на одредени земји да ја бојкотираат конференцијата, која денеска со учество на повеќе од 30 држави, почна во Палатата на нациите во Женева.
- Длабоко жалам што некои избраа да бидат на страна. Се надевам дека тоа нема долго да трае, наведе Бан Ки-мун.
Одредени земји меѓу кои и САД се откажаа од испраќање претставници, образложувајќи ја одлуката со стравувањето дека конференцијата може да биде терен за антисемитски собири и обид да се изврши притисок за решавањето на меѓуконфесионалните и верските конфликти. Меѓу државите кои ја бојкотираат конференцијата се и Израел, Германија, Полска, Австралија, Италија, Канада, Нов Зеланд и Холандија.
Франција, Велика Британија и Чешка упатија амбасадори на конференцијата, но најавија дека тие ќе го напуштат заседанието доколку претседателот на Иран изнесе „антисемитски обвинувања“.
Конференцијата се одржува како продолжение на првиот таков форум што се одржа во јужноафриканскиот град Дурбан во 2001 година и на него се планира разгледување на проблемите во борбата против сите појави на расизам, ксенофобија, верски и други облици на дискриминација.