За време на гран при викендот во Шпанија се избистрија работите по прашање на прифаќање на ултиматумот од страна на ФИА, со кој Макс Мозли прогласи дека кој сака да настапува во 2010 во Формула 1 ќе мора да ја поднесе својата апликација до 29 мај оваа година, но голем број од екипите имаат забелешки на правилата кои федерацијата сака да ги имплементира од идната сезона.
Поради тоа, најпрвин Тојота, а потоа и Ред Бул и Торо Росо, отворено потврдија дека нема да ги поднесат апликациите во таква форма. Најголем дел од екипите се против системот кој сугерира двојни правила, едни за тие што ќе прифатат буџетски лимит од 45 милиони евра, а други (далеку порестриктивни од техничка страна) за оние кои ќе се определат да трошат над таа сума.