-->

И Ферари се закани со напуштање на Формула 1

Иако и пред ултиматумот на Ферари ситуацијата со бунтот на екипите од Формула 1 беше сериозна, октанскиот циркус сега станува прилично опасно разнишан. Правилата на ФИА за ограничен буџет очигледно се капката која ја прели чашата на трпението.

По Тојотоа, Ред Бул и Торо Росо, со излегување од светското првенство во Формула 1 се закани и Ферари. Најтрофејната екипа во историјата на овој спорт потврди дека нема да се пријави за идната сезона доколку не се променат правилата за ограничувањето на буџетот.

"ФИА носи правила без никакви консултации со конструкторите и тоа не е коректно. Доколку се остварат најавите за ограничувањето на буџетите, Ферари нема да се натпреварува наредната година", порачаа челниците на тимот.

ФИА најави дека екипите ќе имаат поголема техничка слобода доколку го прифатат буџетот од 40 милиони фунти (59.35 милиони долари) за идната година. Во изјавата објавена минатата недела наведено е дека од овој буџет се изземени исплатите за возачите, казните на ФИА, трошоците за моторите, дивидендите од профитот од учеството во трките. Оние екипи кои ќе го прифатат ова ограничување ќе смеат да имаат мотори без ограничување на бројот на вртежи, додека оние екипи кои ќе останат со неограничени буџети сепак ќе бидат подложени на некои ограничувања.

 

Copyright © 2009 selotejp.com