-->

МВР го одбележува Денот на македонската полиција

Со низа манифестации денеска и утре ќе биде одбележан 7 Мај - Денот на македонската полиција. По тој повод министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ќе присуствува на отпочнувањето на кампањата „Денови на безбедноста“ што ја организира Комората за обезбедување на лица и имот на Република Македонија, а во касарната „Ѓорче Петров“ ќе биде организирана крводарителна акција на припадниците на Министерството за внатрешни работи која ќе ја посети директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски.

Утре, делегација предводена од министерката Јанкулоска ќе положи цвеќе на спомениците на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи пред Министерството и пред зградата на граничната полиција.

Централната манифестација ќе се одржи во касарната „Ѓорче Петров“. Манифестацијата ќе почне со постројувањето на почесниот вод на МВР по што министерката Јанкулоска ќе одржи поздравен говор, а ќе биде изведена и методиско-показна вежба на припадниците на полицијата. Ќе биде отворена и изложба на фотографии од активностите на припадниците на МВР.

В четврток, делегација на Министерството ќе го посети Домот за згрижување деца и младинци „11 Октомври“ и Домот за доенчиња и мали деца во Битола, при што на децата ќе им бидат врачени пригодни подароци.

За првпат годинава во рамките на одбележувањето на 7 Мај во Центарот за обука се одржуваат спортски натпревари во повеќе дисциплини: крос, пливање, автомобилизам, кошарка, одбојка, борење во слободен стил, џудо и стрелаштво.

 

Copyright © 2009 selotejp.com