-->

Еклстоун нема да дозволи Мозли да го "уништи" Ферари!

Берни Еклстоун вети дека ќе спречи "тепачката" меѓу претседателот на ФИА, Макс Мозли, и претседателот на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, да се претвори во "вистинска војна".

Откако Ди Монтеѕемоло лут на планот на Мозли за ограничување на буџетот најави дека најпознатиот формула 1 тим би се повлекол од Ф1, Мозли одговори дека спортот може да преживее и без нив. Сега според британскиот Тајмс, во Ферари се добива впечаток дека Мозли сака да го "уништи" Монтеѕемоло. Еклстоун вели дека тоа нема да се случи.

"Јас нема да дозволам тоа да се случи. Проблемот со Макс е што тој не е способен, како во минатото, да ги запакува работите убаво. Тој сака работите да ги врзе во стара картонска кутија со обичен конец", вели 78-годишниот Еклстоун.

Но, Британецот вели дека за несогласувањата еднаква вина има и Монтеѕемоло.

"Проблемот на Лука пак е во тоа што не треба да дозволи да се најде во ситуација во која со Макс треба да дебатираш или да се расправаш. Тој е доста умен и не можеш да победиш во таква ситуација", додава Еклстоун.

БУЏЕТОТ ЌЕ РАСТЕ ОД ПРЕДВИДЕНИТЕ 40 МИЛИОНИ ФУНТИ

Еклстоун исто така верува дека предвидената сума од 40 милиони фунти со која треба да се ограничи буџетот кај тие кои ќе сакаат во 2010, може да се зголеми во следните месеци за да се "натераат" и големите тимови да ја прифатат иницијативата.

"По се изгледа сите се согласуваат со ограничувањето на буџетот, вклучувајќи ги и Ферари, но само ако ги натераме да се согласат. Има загриженост околу сумата на која сега е ограничен буџетот и со можноста да има 'двојно ниво' на натпреварување во формула 1. Тие се проблемите, но не се толку големи за да не можат да се решат", вели Еклстоун.

Системот би функционирал на двојно ниво бидејќи тие кои би го прифатиле ограничувањето на буџетот би добиле техничка слобода, додека другите би можеле да продолжат со буџет кој им се допаѓа, но би биле под ограничени правила.

 

Copyright © 2009 selotejp.com