-->

Пеинтбол во илегала

Владата на Германија планира да ги заостри прописите за носење и користење оружје, а колатерална жртва на одлуката ќе биде и играњето пеинтбол, кое исто така ќе биде забрането.

Претставниците на владеачките партии (Христијанско-демократската унија и Социлајдемократската партија на Германија) се согласни дека пеинтболот треба да се забрани поради тоа што во играта се симулира убивање луѓе. Кршењето на новиот пропис ќе се казнува со парична казна од 5.000 евра.

Ширум Германија во изминатите години се отворени многу игралишта за оваа игра "увезена" од САД. Владата почна да го разгледува заострувањето на прописите за носење и поседување оружје по последното масовно убиство во Виненден, на југот во земјата на почетокот на март, кога 17 годишен ученик уби 15 ученици и наставник во едно средно училиште и потоа изврши самоубиство.

Во иднина, како што предвидуваат новите прописи, сопствениците ќе мораат да го чуваат оружјето во биометрички обезбедени каси, а касата ќе мора да биде прицврстена за под и тешка најмалку 200 килограми.

Од околу 82 милиони жители на Германија, 2 милиони легално поседуваат оружје. Оние кои сакаат да поседуваат оружје, мораат да бидат изложени на психолошки тест. Сопствениците на оружјето мораат да бидат членови на стрелачки клуб кој мора да го поддржи нивното барање за поседување оружје, а пред набавката мораат да положат испит за ракување со оружје. Сопственикот смее да го чува оружјето дома, но не смее да го користи надвор од просторот на својот стрелачки клуб, дури ни во самоодбрана.

Уделот на деликти извршени со нелегално оружје годишно изнесува 0,03%.

 

Copyright © 2009 selotejp.com