-->

Лутината е запишана во гените

Способноста да останете ладни или пак да го загубите трпението и да избувнете е запишана во гените, тврдат научниците.

Генот DARPP-32 го крие одговорот зошто одредени луѓе се лутат и на најмала провокација, а пак некои остануваат потполно смирени.

Истражувањето е спроведено врз 800 лица, кои пополниле посебно дизајниран прашалник, кој на научниците им помогнал да утврдат како тие се справуваат со лутината. Германските научници исто така направиле и ДНК тест на испитаниците, кој открил дека луѓето се носители на три варијации на генот DARPP-32, кој влијае врз нивото на допамин, кој се поврзува со лутината и агресијата.

Лицата кои ја поседувале „TT“ или „TC“ верзијата на генот многу полесно се лутеле од оние кои ја имале „CC“ верзијата.

Истражувањето на научниците од универзитетот во Бон исто така покажало дека лицата кои полесно се лутат имаат помала сива маса во амигдалата, дел од мозокот кои ни помага да го одржиме балансот на нашите емоции.

-Лицата со овие мутации не можат да ги контролираат своите чувства, како што тоа го прават оние без мутација на овој ген. Јас не сум лутко, но се лутам за нешта кои сметам дека се важни, вели Мартин Ројтер, еден од истражувачите кој е носител на „TC“ варијацијата на генот.

„TT“ и „TC“ варијациите се многу почести кај лицата од западниот свет, велат научниците, додавајќи дека искажувањето на лутината може да им помогне на луѓето да напредуваат многу повеќе во животот.

-Високиот степен на лутина, гнев секако дека се општествено неприфатливи, но одредена количина на вакво однесување може да ви помогне да добиете подобра позиција во општествената хиерархија, велат научниците.

Студијата, објавена во стручниот магазин „ Behavioural Brain Research“ укажува дека генетиката е само 50 отсто одговорна за лутината и оти DARPP-32 генот е само еден од неколкуте гени кои го одредуваат ваквото однесување.

Кон почетокот на годинава научниците открија дека демонстрирањето лутина може многу повеќе да ви помогне во професионалниот и приватниот живот, отколку нејзиното потискање.

 

Copyright © 2009 selotejp.com