-->

Претседателски избори во Германија

Изборниот Конгрес на Германија утре треба да го избере шефот на државата за наредните пет години.


Главен фаворит е актуелниот претседател Хорст Келер, кој е член на владејачката Христијанско демократска унија (ЦДУ) на германскиот канцелар Ангела Меркел, со чија работа во изминатите пет години, според анкетите, се задоволни мнозинството Германци.

Главен противкандидат на Келер е Гезине Шван од редовите на вториот партнер на владината коалиција, Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Шван, која е претседател на Европскиот универзитет во градот Франкфурт на Одра, и пред пет години му беше противкандидат на Келер.

Аналитичарите проценуваат дека иако Келер е фаворит, Шван исто така има шанси да стане првата жена претседател на Германија.

Пресметките велат дека Келер би можел да биде избран уште во првиот круг на гласање, доколку успее да собере најмалку 613 гласа. Меѓутоа доколку тоа не му појде од рака, во вториот круг на гласање поизвесно е да се очекува победа на Шван, бидејќи гласовите на третиот кандидат за претседател, актерот Петер Зодан од партијата Левица, поверојатно е да преминат на контото на социјалдемокатката.

Согласно германскиот Устав, шефот на државата го избира изборниот Конгрес кој го сочинуваат вкупно 1.224 члена - сите пратеници во Бундестагот (Долниот дом на германскиот Парламент) и претставници на собранијата на 16-те германски покраини.

Претседателот се избира во три круга, при што во првите два потребно е кандидатот да освои апсолутно мнозинство гласови (613) за да биде избран за функцијата, додека во третиот круг потребно е само просто мнозинство.

Уставот предвидува дека претседателот на државата мора да биде германски државјанин со право на глас и да има најмалку 40 години на денот на изборот. Тој има право на најмногу два петгодишни мандати.

Функцијата претседател на Германија има повеќе церемонијален и протоколарен карактер и нема речиси никаква реална политичка моќ.

 

Copyright © 2009 selotejp.com