-->

„Полу парализирана“ состојба за Интернетот

Светската Интернет мрежа, почнувајќи од 2012 година, постојано ќе се наоѓа во „полу парализирана“ состојба, бидејќи нема да може да ги задоволи корисниците чиј број драстично ќе се зголеми, предвидуваат експертите на британската истражувачка група „Немертис рисерч“.

Оваа организација прогнозира дека веќе во почетокот на 2010 година, Интернет мрежата ќе го достигне највисокото ниво на својата информатичка моќ, а потоа корисниците ќе имаат големи проблеми, во вид на многубројни и неочекувани прекини во работата на нивните компјутери.

Интернетот како отворена мрежа почна да функционира пред две децении и тогаш, како што наведуваат некои експерти, се чинеше дека има практично неограничена моќ за испраќање и прием на информации.

Истражувањето на компанијата „Комскор“ покажува дека во декември минатата година ширум светот повеќе од милијарда луѓе ги користеле услугите од Интернетот и дека овој број молскавично се зголемува.

Најмногу корисници на Интернет мрежата има во Азија, околу 41 отсто од вкупниот број, додека Европа има околу 28 отсто, а САД и Канада 18 проценти. Жителите на Латинска Америка во вкупниот број корисници на Интернет учествуваат со околу седум проценти, а жителите на Блискиот Исток со само пет отсто. Кина, земја со најголем број на жители во светот, кон крајот на минатата година имала најголем број на Интернет корисници, околу 180 милиони, додека на второ место биле САД со 163 милиони.

Според овие податоци, во САД повеќе од 50 отсто од жителите на оваа земја, ги користеле Интернет услугите во декември во 2008 година. Јапонија на таа листа исто така високо е рангирана, бидејќи има околу 60 милиони корисници на Интернет мрежата, додека Германија и Велика Британија се следни на таа листа со по 37 милиони корисници.

На шесто место е Франција со 34 милиони корисници, додека Индија е седма со 32 милиона. Русија, во која Интернетот зема замав од почетокот на оваа деценија, во наведениот период имала 29 милиони корисници, Бразил 28 милиони, Јужна Кореа 27, Канада 22 и Италија 21 милион.

Најпосетена Интернет страница е Гугл, бидејќи овој интернет пребарувач во декември минатата година имал околу 778 милиони корисници.

Интересно е дека се поголемиот број корисници на Интернет во светот, не влегуваат во таа информативна мрежа само со помош на компјутерите, туку и преку сопствените мобилни телефони, чии технолошки можности драстично брзо напредуваат.

Податоците кои ги објави статистичката Интернет страна „Интернет ворлд Стат“ инаку покажуваат дека се зголемува бројот на корисниците на Интернет во регионот на Југоисточна Европа, а во Србија, во последниот квартал минатата година околу 33 отсто домаќинства користеле Интернет, додека околу 40 проценти имале компјутери.

Лани во Србија вкупниот број на корисници на Интернет во однос на 2007 година е зголемен за шест проценти, што не е значаен пораст ако се има предвид дека е остварен во време на солидна продажба на компјутери.

Во однос на најразвиените земји, Србија многу заостанува според степенот на користење на Интернетот, а според тоа се наоѓа и зад некои соседни држави, вклучувајќи ги Бугарија и Хрватска.

 

Copyright © 2009 selotejp.com