-->

„Мајкрософт“ намалува неколку илјади работни места поради економската криза

Вашингтон, 6 мај (МИА) - Американската компанија „Мајкрософт“, најголем производител во светот за компјутерска технологија, објави дека во најскоро време ќе намали 3.600 работни места поради економската криза, изјави претставник на компанијата.

Кон крајот на јануари „Мајкрософт“ соопшти дека ќе намали пет илјади работни места во своите клонови по целиот свет. Од нив, 1.400 работни места беа неодложно укинати, а останатите требаше постепено да бидат намалувани до јуни 2010 година.

Сега меѓутоа, компанијата ги преразгледува плановите и смета да отпушти 3.600 службеници. Освен тоа, според генералниот директор на „Мајкрософт“ Стив Балмер, постои неопходност од нови намалувања.

На 24 април „Мајкрософт“ соопшти дека профитот за последното тримесечје се намалил за 32 проценти на 2,98 милијарди долари и се очекува влошувањето да продолжи најмалку уште едно тримесечје.

Приходите на „Мајкрософт“ за првите три месеци од годината беа 13,65 милијарди долари, а се очекуваше да достигнат 15,02 милијарди долари.


 

Copyright © 2009 selotejp.com