-->

Wikipedia и фактите

Wikipedia и фактите Колку е точна онлајн енциклопедијата Wikipedia? Прашањето е тешко да се одговори, бидејќи енциклопедијата изобилува со огромен број информации и текстови кои се точни. Но трикот е што тие податоци не се крајни, во секое време корисникот може да ги измени, а тоа претставува проблем.

Практичен пример за опасностите и влијанието на Wikipedia, е шегата која ја изведе ирскиот студент Шејн Фитцгералд од Унивирзитетот во Даблин. Откако чул дека во средата умрел Морис Џаре, познат и наградуван музички композитор, Фитцгералд го изменил текстот кој Wikipedia го имала за композиторот. Тој додал измислени цитати од композиторот, но цитати кои имале комплетно смисла.

„Човек може да рече дека мојот живот е еден долг саундтрак. Музиката беше мојот живот, музиката ме воведе во животот, и музиката е тоа по што ќе бидам запаметен долго откако го напуштам животот.

Wikipedia и фактите
Листата на измени на статијата за Џаре

Кога ќе умрам, последниот валцер ќе ми свири во главата, валцер што само јас ќе го слушам“ напишал Фитцгералд вметнувајќи го овој цитат во биографијата на познатиот композитор.

Тоа што е интересно е што овој цитат се нашол во текстовите на многу познати новински агенции низ светот кои пишувале за смрта на познатиот композитор. Важно е да се забележи дека лагата не била приметена од никого. Самиот тој, Фитцгералд испратил писмо на еден весник со кој им кажал дека тоа не се правите зборови на г-дин. Џаре. Многу весници го тргнале цитатот со објаснување што се случило, но кај многу други се уште е присутен.

Ирскиот студент рекол дека ова негова шега е дел од експеримент да го види влијанието на Wikipedia знаејќи дека многу новинари ќе ја искористат енциклопедијата за истражување и биографија на познатиот музички композитор. Затоа и се потрудил да го склопи цитатот така да има смисла. Сигурно ако напишал глупости, луѓето ќе приметиле. Од друга страна пак, никој не може да ги обвини новинарите за преземање информации од Wikipedia. Изјавата е одлична да се најде во текст за почината позната личност.

Но, прашањето е секогаш присутно. Колку е точна Wikipedia? Корисниците ја пишуваат содржината, до која секој има пристап. Колкаво е нејзиното влијание? Учените лица и професорите ја одбиваат, но медиуми ја користат. Очигледно дека е корисна но како да ја направиме подобра?

 

Copyright © 2009 selotejp.com