-->

Решавање на проблемите во патниот транспорт

Македонскиот транспорт тоне притиснат од светската економска криза и нелојалната конкуренција. Намален е обемот на работата, нема можност за редовно плаќање на давачките за исплата на кредити, плати, тешко се доаѓа до дозволи за работа.

Тоа се дел од оценките изнесени на денешната седница на Извршниот одбор на Стопанската интересна заедница „Македонија сообраќај“, кој оцени дека за разлика од изминатите години Министерството за транспорт презема активности за промена на состојбите, но оти и покрај тоа проблемите на терен се присутни.

Претставниците на Министерството за транспорт, кои учествуваа на седницата, ветија оти наскоро ќе почнат со издавање лиценци на патните превозници и дека ќе ги зајакнат капацитетите на инспекциските служби. Тие најавија и активности за унапредување на законската регулатива во патниот транспорт, за обезбедување соодветни контингенти за транспортни дозволи, како и за разрешување на состојбите во билатералниот транспорт со Турција, Грција и со други земји.

Петар Бежовски, управител на „Македонија сообраќај“, истакна дека од последните три месеци лани и во првите месеци од годинава обемот на работа во патниот сообраќај опаѓа со голема брзина и во зависност од сегментите се движи од 40 до 80 проценти. - Тоа е алармантна состојба, рече Бежовски и укажа на потребата од поголем ангажман на државата, бидејќи останатите веќе посегнале кон затворање на своите транспортни економии и не дозволуваат пристап на транспортери од други држави.

Раководителот на секторот за превоз на патници при „Македонија сообраќај“ Ацо Поповски оцени дека еден од најгорливите проблеми за превозниците е нелојалната конкуренција и побара дисциплинирање на дивите превозници. - Нелегалните си товарат патници, не плаќаат возач и никакви давачки кон државата, а тој што доаѓа по него иако е легален превозник собира само прашина, рече Поповски.

Според Милева Ивановска, раководител на стручните служби, поради се поголемиот пад на работата на патните транспортери како и продолжувањето на роковите за плаќање како на странските така и на домашните партнери, тие се доведени во состојба да одлучуваат дали ќе работат или ќе ги исплаќаат давачките кон државата. - Владата треба да го продолжи рокот на исплата на плати или да ја укине каматата по тој основ, но и да се заземе за што помала каматна стапка за транспортерите при користење на поволните кредити преку Македонската банка за поддршка на развојот, наведе Ивановска и додаде дека транспортерите се уште чекаат одговор и на барањето за измена на Законот за ДДВ во делот на даночните ослободувања во меѓународниот превоз на патници.

Состојбата е алармантна и во товарниот транспорт, нагласи раководителот на секторот за стоков транспорт Андреја Наумовски, пренесувајќи ги штетите за македонските превозници од светската економска криза и мерките што ги преземаат одделни држави за штитење на своите транспортери. Како пример ја наведе Турција со која се одвива една третина од нашиот товарен сообраќај, а со која, според Наумовски, не се обезедени доволен број дозволи. Проблем за транспортерите ќе биде и неодамна договореното на состанокот на мешовитата комисија македонските транспортери да немаат право да возат македонски пратки од аеродромските и пристанишните терминали, рече Наумовски и додаде дека сличен е проблемот и со Грција при примената на ЦЕМТ дозволите. Македонските транспортери, укажа Наумовски, се неконкурентни во однос на колегите од странство и при плаќањето на давачката за зелените картони, бидејќи никаде во Европа не се наплаќа посебна такса за зелен картон.

Стевчо Јолакоски, раководител на сектор за сувоземен сообраќај во Министерството за транспорт и врски, рече дека веќе е испратен повик до патните превозници да достават документи за добивање лиценци. Од 31 август годинава превозниците кои вршат превоз на патници, а од 30 септември и тие кои вршат превоз на стоки, доколку не поседуваат таква лиценца нема да може да добиваат какви било дозволи, решенија, потврди и документи од ресорното министерство.

Според Јолаковски, наскоро драстично ќе се заострат условите за вршење на превозот на патници и стоки, при што покрај доусогласувањето на постојната законска регулатива во оваа сфера, со средства од ЕУ ќе се изврши и доекипирање и доопремување на Државниот инспекторат за транспорт, кој истовремено ќе добие и поголеми ингеренции особено во санкционирањето на „дивиот превоз“.

- Инспекторите во иднина ќе можат да вршат контроли и во самите транспортни фирми, чии возачи и возила се фатени на пат како работат спротивно на законската регулатива, при што на таквиот превозник ќе може и да му се одземе дозволата во период од 30 дена, а ако и потоа продолжи со дивото работење да му се одземе и возилото, што е решение како и при запленувањето на возила од страна на шумската полиција, најави Јолаковски.

Тој посочи и дека за ставање ред во делот на превозот на патници веќе се категоризирани 17 автобуски станици, за уште пет во тек е процедура, а за уште три-четири, што се во изградба, тоа ќе се направи наскоро. До септември сите автобуски станици во земјава ќе бидат категоризирани, а од тој процес ќе зависи висината на надоместоците и цените на услугите кои ќе ги плаќаат и превозниците и нивните патници.

 

Copyright © 2009 selotejp.com