-->

Контроли на патарините: откриени 121 возила кои минале без да платат

При полициска контрола извршена вчера и во петокот на наплатни станици вкупно се откриени 121 возило, односно возачи коишто минале без да платат патарини.

На сите возачи кои ги минале наплатните станици без да платат патарина им е издаден налог за наплата на глоба за сторени прекршоци согласно нормите од Законот за јавни патишта.

МВР денеска информира дека во контролата извршена вчера во периодот од 6 до 20 часот на наплатните рампи „Глумово“, „Петровец“ и „Миладиновци“, без да платат патарина со покажување на службени легитимации или на друг начин минале 90 возила.

Од нив, тројца биле вработени во МВР и двајца во АРМ, еден пратеник во Собранието, еден поранешен заменик - министер на МВР, по еден вработен од министерствата за финасии, за животна средина и просторно планирање и за здравство, како и вработени во неколку други државни институции. Останатите 75 возила, односно возачи-граѓани ги минале патарините користејќи ги моментите кога рампите биле подигнати или користејќи разни видови картички без да платат патарина.

Во контролата на наплатните станици „Глумово“ и „Романовце“ спроведена во петокот во периодот од 15 до 18 часот законот за јавни патишта го прекршиле 31 возач.

Констатирано е дека службените легитимации ги користеле двајца вработени во МВР, еден во МО, двајца вработени од Царинската управа, еден вработенот во Центарот за управување со кризи, додека останатите 25 возачи биле цивилни лица коишто на други начини ги минале наплатните станици неплаќајќи ја задолжителната патарина.

Од почетокот на контролите по наплатните станици од 28 декември 2008 година заклучно со вчерашната деветта по ред контрола, евидентирани се 412 лица кои со покажување на службени легитимации или на некој друг начин одбегнале плаќање на патарините. Од овој број, 34 се вработени во МВР, 42 во сите останати министерства, 20 во АРМ, 11 во Царинската управа, девет во правосудните институции, 30 во други државни институции а останатите 258 возачи се цивилни лица.

На сите кои ги сториле прекршоците, од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.

 

Copyright © 2009 selotejp.com