-->

Штрајк на 13.000 медицински работници на Косово

Сите медицински институции во Косово од денеска почнаа генерален штрајк, што се планира да трае до исполнувањето на барањата на вработените, меѓу кои најважното е зголемување на платите за 44 евра, пренесе Танјуг.

Штрајкот е објавен и покрај вчерашната средба на министерот за здравство Аљуш Гаши со медицинскиот синдикат, на која тој вети дека ќе формира комисија за преиспитување на платите.

Претседателот на синдикатот Аслан Бајрами за косовските медиуми изјави дека Владата, уште пред две недели, е информирана за штрајкот, но досега не биле преземени никакви мерки за задоволување на барањата на синдикалистите.

Тој изјави дека протестот ќе трае до целосното исполнување на нивните барања.

Владиниот портпарол Мемли Красниќи изјави дека штрајкот ќе се прекине уште утре, затоа што Владата веќе изнајде начин да ги исплаќа бараните 44 евра за цела 2009 година.

Бајрами соопшти дека во протестот ќе учествуваат околу 13.000 медицински работници од сите медицински центри и за време на штрајкот ќе се третираат само итни случаи.

 

Copyright © 2009 selotejp.com