-->

Најголем долг во историјата на САД - трилион и 300 милијарди долари


САД, 24 февруари, (Нетпрес) - САД настојуваат со сите средства да го поттикнат индустрискиот раст. Меѓутоа, Америка може да се пофали со трилион и 300 милијарди долг. И покрај тоа претседателот на САД Обама е уверен дека до крајот на својот мандат ќе успее да го преполови дефицитот.

Барак Обама го ветува она што го ветувале и претседателите пред него, но не го исполниле ветувањето. На состанок за буџетот во Белата куќа Обама рекол: “Оваа администрација наследи долг од трилион и триста милијарди долари, најголем во историјата на САД“.

Со сегашната цена на бензинот сите Американци за тие пари колку што изнесува долгот би можеле бесплатно да се возат во наредните пет години. Како што е познато, парите имаат цена и Обама рекол: “Минатата година за камати сме платиле 250 милијарди долари“.

Оваа година, цената, во најмала рака ќе биде двојно повеќе. Како што се проценува, во првата година на новата администрација долгот ќе порасне на трилион и 600 милијарди долари. Обама нема избор ќе мора се повеќе да се задолжува за да го спаси банкротот на автомобилската индустрија и големите банки.

Меѓутоа, Обама се надева дека зголемувањето ќе биде краткорочно и верува дека до крајот на мандатот ќе го преполови долгот кој му бил оставен од претходната администрација. Како што самиот изјавил “Немам намера нашите деца да ги оставам со долг кој не можат да го платат“.

Се повеќе Американци се прашуваат каде и на што ќе се штедат толку милијарди. Со делумно повлекување на војската од Ирак нема многу да се заштеди. Нема многу да придонесе и зголемувањето на даноците за богатите граѓани. Финансискиот советник на Обама Питер Орџаг има магловита идеја: “За да го санираме буџетот мораме да ги ставиме под контрола трошоците за здравствена заштита и тоа уште оваа година“.

САД имаат еден од најскапите и најнефикасен здравствен систем. Педесет милиони луѓе немаат здравствено осигурување, а невработените воопшто не можат да го платат.

 

Copyright © 2009 selotejp.com