Грчко-американските односи се традиционални и исклучителни и не се очекуваат промени по преземањето на претседателската функција од страна Барак Обама, смета грчкиот министер за надворешни работи Дора Бакојани.
Бакојани, која е во посета на САД, во изјава за грчко-американскиот весник „Нешенал трибјун“ вели дека Грција има корисна соработка со новата американска админстрација во билатералните односи.
Таа додава дека очекува Хилари Клинтон, со која ќе се сретне утре, да биде многу активен државен секретар, кој ќе внесе нова динамика во надворешната политика на САД.
Во врска со проблемот со името на Македонија, Бакојани вели дека ставот на Грција „бил и ќе биде целосно јасен“. Таа изразува жалење за положбата на Македонија и вели дека „лидерите на северниот сосед сами си создаваат пречки за европските и евроатланстките аспирации на државата, бидејќи знаат дека решавање на спорот со името е услов за влез на земјата во НАТО и пат за влез во ЕУ“. Бакојани вели дека се надева оти Македонија ќе ги напушти застарените тактики кои зборуваат за „лошото балканско минато“.
Шефот на грчката дипломатија наведува дека Грција има долгорочна стратегија за грчко-турските односи. Случувањата од 2008 година не помогнаа за побрзи и поефектни чекори за подобрување на односите меѓу двете држави, вели таа.
Бакојани во врска со економската ситуација изјави дека „секој човек преку својата работа и позиција е должен да ја поддржи Владата во тешката задача за да ја изведе државата од кризата“.