-->

Пет години од загинувањето на Претседателот Борис Трајковски

Утре се навршуваат пет години од авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски и осуммина негови соработници и членови на екипажот.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Истрагата што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќа процедурата и дека врши полна процедура при слетувањето.

Министерството за внатрешни работи побара од Јавното обвинителство да се отвори повторно истрага за несреќата што беше одбиено со образложение дека одлуката е донесена врз основа на грижлива, совесна и сеопфатна анализа на комплетниот прибавен доказен материјал непосредно по падот на авионот и оти нема нови докази за повторување на истрагата.

Сепак, за МВР случајот не е затворен се додека постои и најмал сомнеж во однос на причините за несреќата.

- Самиот факт што ние не се откажуваме од овој предмет и што за нас тој и по толку години од несреќата е предмет со врвен приоритет покажува дека сме целосно посветени и дека навистина, мобилизирајќи ги сите средства и ресурси кои ни стојат на располагање се трудиме да дојдеме до вистината, изјави вчера министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Таа вели дека се обидуваат во континуитет да ги разгледаат сите аспекти на несреќата и да направат дополнителна анализа со цел да се обидат да дојдат до нови информации кои можеби би значеле давање ново светло на истрагата. Јанкулоска поаочи дека во моментов се фокусирани на еден аспект кој првично не бил доволно разгледан и анализиран, а тоа е анализите на воздухопловните експерти.

- Се работи за дополнителна анализа на податоци и документи. Доколку се потврдат одредени сомневања што се појавија пред нас врз основа на извештаите што ќе ги добиеме од воздухопловните експерти претсповавуваме дека тоа ќе биде добра основа за отворање нова истрага, односно добра информација која ќе му ја презентираме на обвинителот врз основа на која ќе може да одлучи дали постојат реални податоци врз основа на кои може да се отвори нова истрага, истакна Јанкулоска.

Повторно покренување истрага побара и швајцарскиот европратеник Андреас Грос, личен пријател на трагично загинатиот претседател. Токму по негова сугестија, а со цел да се утврдат околностите под кои загина Трајковски, во октомври лани беше формирана и собраниска Анкетна комисија во која членуваат пратеници од најголемите парламентарни партии.

Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

На местото на несреќата една година по паѓањето на авионот беше откриено спомен обележје.

Петгодишнината ќе биде одбележана со повеќе активности кои почнуваат денска и ќе се одвиваат во наредните пет дена во Скопје, Мостар и во Струмица, родниот град на претседателот Трајковски.

Во Македонската опера и балет вечер ќе биде одржана Свечена академија на која ќе се обрати претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Георги Старделов, а ќе биде промовиран и документарниот филм „Претседателот“ на авторите Снежана Клинчарова и Горан Тренчовски. Филмот е снимен во продукција на Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и МТВ.

Бројни делегации ќе положат цвеќе на веченото почивалиште на претседателот Трајковски во Алејата на великаните на градските гробишта во Скопје. Државна делегација, пак, предводена од потпретседателот на Собранието на Република Македонија Рафиз Алити во која ќе бидат и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, претставници на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски и членови на семејството на починатиот претседател Трајковски, ќе го посети споменикот подигнат на местото на несреќата во близина на Мостар.

Собранието на Република Македонија чест и сеќавање на Борис Трајковски утре ќе одржи свечена седница на која ќе се обрати претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски. Во рамки на одбележувањето за утре се предвидени и Меѓународен форум на тема „Нашите заеднички вредности“ и Вечера на молитва и заедништво. Задутре ќе биде организиран Меѓународен младински лидерски форум на тема „Нашите заеднички вредности“.

Петгодишнината од трагичното загинување на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски со повеќе активности ќе биде одбележана и во неговата родна Струмица.

Борис Трајковски (1956-2004)

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.

Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик министер за надворешни работи на Република Македонија во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно - политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

 

Copyright © 2009 selotejp.com