-->

Арктикот се топи побрзо од очекуваното

Арктикот и Антарктикот се топат побрзо од очекуваното, а со тоа го зголемуваат нивото на океаните што како последица ја зголемува веројатноста од климатски промени. Ова се наведува во извештај на научници објавен вчера во Женева.

Истражувањето е спроведено во изминатите две години во рамки на програма поддржана од ОН наречена Меѓународна поларна година. Над 63 држави и речиси 10.000 научници учествуваа во проектот што чинеше 1,5 милијарди долари и почна во март 2007 година и завршува идниот месец.

„Снегот и мразот на двата пола се намалуваат и тоа влијае врз човековата прехрана, флората и фауната на Арктикот, и врз нивото на океаните“, се вели во резимето на извештајот.

Експертите предупредуваат дека брзината на топење на мразот на Гренланд се зголемува. Според нив, топењето се забрзува најмногу на западниот дел од Антарктикот кое се простира до јужниот крај на Латинска америка и за кое се верувало дека нема да се промени.

- Како резултат на тоа, може да се очекуваат сериозни климатски промени во Чиле и Аргентина, вели Иан Алисон еден од раководителите на програмата.

Со истражувањето се регистрирале и поголеми од очекуваните нивоа на јаглерод во арктичкиот мраз кои можат да бидат ослободени во атмосферата при понатамошно топење, како штетни гасови.

 

Copyright © 2009 selotejp.com