-->

Сламдог подготвен за триумф на Оскарите

Љубовната приказна базирана во Индија е подготвена да го круниса досегашниот успех со триумфален настап на церемонијата за доделување на Оскарите, која ќе се одржи во недела навечер.

Медиумите пренесувајќи мислења на филмски критичари најавуваат дека нискобуџетниот "Slumdog Millionaire" (направен е за 15 милиони долари) не може да биде победен во трката за најдобар филм, откако буквално ги собра сите престижни награди во пресрет на Оскарите.

Иако драмата "The Curious Case of Benjamin Button" ќе ја започне ноќта со најмногу номинации (13, во споредба со 10-те на "Slumdog"), експертите и хроничарите на Оскар-случувањата велат дека филмот на Британецот Дени Бојл изгледа незапирливо.

Интересно е дека филмот за малку ќе бил пуштен директно во ДВД-продажба во САД, што ќе го исфрлеше од конкуренцијата за престижните статуетки. Очигледно дека никој не се надевал на (посебно толку голем) успех на филм кој има буџет на под-просечна плата на еден актер во конкурентските филмови и во кој се појавуваат тотално непознати актери, а делумно е и преведен бидејќи покрај англискиот јазик во него се зборува и на индиски.

Со речиси сигурниот триумф на Дени Бојл и "Slumdog Millionaire" во категориите за најдобар филм и најдобар режисер, најинтересната оскаровска битка се очекува при распределбата на статуетките за најдобри улоги. Главни фаворити од досегашните критики се Кејт Винслет во категоријата најдобра женска улога за одиграната ролја во досадниот и според одредени мислења-најлошиот филм за холокаустот било кога направен "The Reader", додека најдобра споредна дама многу веројатно ќе биде Пенелопе Круз за улогата во "Vicky, Christina, Barcelona".

Кај мажите, Шон Пен е еден од топ-фаворитите за освојување на Оскар за улогата на хомосексуалниот борец за човекови права Харви Милк во филмот "Milk", но ќе се соочи со жестока конкуренција на повратникот на големото платно Мики Рурк и неговиот маестрален перформанс во "The Wrestler" (наш личен фаворит! Гоу Мики, гоу! ). Интересно е што корисниците на популарната internet Movie Data Base (imdb.com) веќе го одбраа Рурк како нивен фаворит за освојување на Оскар.

Специфична ситуација се очекува и во разврската за најдобра машка споредна улога, Оскар кој сосема оправдано треба да му припадне на покојниот Хит Леџер за брилијантното портретирање на Џокерот во последниот филм за Бетмен "The Dark Knight". Академијата е подготвена за ваква разврска и дури објави дека правото на сопственост на Оскарот на Леџер, доколку го добие се разбира, ќе го има неговата тригодишна ќеркичка Матилда, но ова право ќе го реализира откако ќе наполни 18 години. Aко Леџер победи, ќе биде само вториот актер во историјата кој постхумно освоил Оскар, после Питер Финч во 1977 година за улогата во филмот "Network".

Навидум се изгледа релативно познато, но предвидувањата понекогаш може да се и грешни. Ќе дознаеме во недела навечер. It's the Oscars night, па купете си пуканки на време.

 

Copyright © 2009 selotejp.com