-->

И покрај рецесијата, мебелот оди како алва

И покрај светската економска криза, граѓаните во шопинг на мебел. Продавачите велат сега е време за купување покуќнина, бидејќи во рецесија цената на оваа категорија производи паѓа.

Првите три месеци од годинава, побарувачката била намалена, сепак трговците очекуваат по саемот за мебел, кој беше отворен денес, ситуацијата значително да се поправи.

- Цените и квалитетот се на наша страна, затоа нашиот мебел се извезува добро и во странство. Извезуваме на Балканот и во Европа. Не можеме да се пожалиме - мебел се купува. Очекуваме по саемот, како и секоја година продажбата да се зголеми - вели Милош Стојановски, „Зона Мебел“.

Домашните трговци велат дека саемите се одличен начин да се допре до потрошувачите, но и да се направат зделки со некои од странските компании кои учествуваат во излагањето. Министерот за економија Бесими посочи дека се поголемата посетеност на овие саемот е знак дека оваа индустриска гранка има своја иднина и перспектива. Годинава мебел изложуваат 740 компании, од кои дури 150 се од Словенија.

- Дрвно - преработувачкиот комплекс на Република Македонија вработува над 7.600 лица во над 1.200 правни субјкти кои во најголем дел спаѓаат во микро, мали и средни претпријатија, флексибилни на пазарните услови и кои со сопствените капацитети се во можност да произведат мали серии на квалитетен и модерно дизајниран мебел, коњуктурен за домашниот и странски пазар - вели Фатмир Бесими, министер за економија.

- Словенија и Македонија се поврзани преку заедничка историја и заедничка европска иднина. И словенечките стопанственици го признаваат и почитуваат тој факт - вели Алан Брајан Бергант, словенечки амбасадор во Македонија.

Саемот трае недела дена, а изложувачите се надеваат дека по него ќе ја удвојат продажбата.

 

Copyright © 2009 selotejp.com