Македонски авиотранспорт ја отфрла како шпекулација информацијата објавена во српскиот весник „Курир“, а што ја пренесоа македонските медиуми, дека ЈАТ Ервејз ќе го преземе МАТ поради долгови што оваа компанија ги има кон српскиот национален авиопревозник.
„Курир“ денеска објави дека авиокомпанијата ЈАТ најавува оти наскоро може да го преземе МАТ, за што, како што најавува директорот на ЈАТ Саша Власављевиќ, почнати се разговори со раководството на МАТ.
Власављевиќ вели дека се водат преговори долгот од 10 милиони долари што го имал МАТ кон ЈАТ да се претвори во сопственички удел.
Од МАТ соопштуваат дека е точно оти меѓу двете компании е постигната согласност за стратешко партнерство што петставува продолжување на претходната 10-годишна успешна соработка која извесен период била прекината поади некои отворени прашања. За нивно расчистување од двете страни формирани се посебни работни групи.
Стратешкото партнерство подразбира долгорочна деловно-техничка соработка меѓу двете компании во насока на користење на воздухоплови, одржување на авионите на МАТ и ЈАТ-техника, обука на кадар и заеднички комерцијални проекти со што се очекува отворање нови дестинации и искористување на потенцијалот на двата пазара, а отворена е и можноста и за учество на ЈАТ Ервајз во капиталната структура на МАТ.
Од МАТ најавуваат дека наредната недела ќе бидат соопштени детали од постигнатиот договор за стратешка соаботка меѓу двете компании.
За влез во капиталната структура на МАТ се заинтересирани уште две странски авиокомпании и еден инвестициски фонд и некои од овие преговори се во завршна фаза, се наведува во соопштението од Македонски авиотранспорт.