-->

Глобалната криза го зафати и најстариот занает на светот

Немилосрдната бура на глобалната економска криза ги зафати сите сектори на германското стопанство, не штедејќи ги дури ни борделите, во кои падот на прометот и приходите се мери со двоцифрени процентни броеви.

Меѓутоа, Германците не би биле Германци кога не би умееле да се снајдат во најтешки ситуации, па и во оваа рецесија, најтешка во 60 годишна историја на Сојузна Република Германија (основана во 1949 година).

Некои бордели во оваа земја, една од малубројните во која проституцијата не само што е легална, туку и воодушевувачки јасна дејност, се принудени да применат итрина, досетливост, секакви трикови за да ги привлечат муштериите чии џебови се се потенки.

Карин Аренс, менаџер на борделот „Yes Sir“ во Хановер, вели дека таа и нејзините колеги ја намалиле цената и дека нудат разни промотивни пакети за да го зголемат прометот.

„Ова се навистина тешки времиња... Прометот ни падна за 50, а приходите за 30 отсто“, изјави Аренс за Ројтерс.

Промотивни акции во кои цените привремено паѓаат дури до нулата, единствени цени за сите, без оглед на бројот и зачестеноста на „конзумациите“, бесплатно доведување и одведување на муштериите со посебни автобуси, попуст за постарите мажи и припадници на некои занимања, како возачите на такси возилата, дневни пропусници за користење на услуги ... - тоа се некои од мерките кои започнаа да ги применуваат досетливите сопственици на германските бордели.

Според официјалните податоци, во Германија има 400.000 проститутки кои во оваа, секогаш добро уредена земја примаат плата како и секој друг вработен, а сопствениците редовно ги уплатуваат придонесите за здравствено и социјално осигурување.

Тоа станало можно откако во 2002 година, Бундестагот (сојузниот парламент) усвои посебен закон, врз основ на кој проститутките можат во службените документи слободно да ја наведат професијата со која се бават.

Пред да биде усвоен тој закон, властите ги отфрлуваа молбите за здравствените и другите видови на осигурување, откако претставничките на најстариот занает на светот си го кажувале своето занимање - проституција.

Истовремено, од 2002 година, проститутките со работодавачите можат да склучуваат нормални работни договори, исто како во секоја друга професија.


Германските аналитичари забележуваат дека во ова време на кризата, бројот на проститутките почнал полека да расте, бидејќи во тој „бизнис“ се впуштаат се поголем број „аматерски проститутки“, тие кои работат само во текот на викендот за да ја надополнат дупката во домашниот буџет.

„Такви има се повеќе затоа што со платата која ја заработуваат на редовните работни места не можат да состават крај со крај“, вели Карин Аренс, додавајќи дека, во својата непосредна околина, многу „аматерки“ уживаат углед на „префинети“, мажени жени за кои никој никогаш, ниту во сон не би помислил, дека во слободно време се занимаваат со проституција.

Според податоците на германскиот синдикат за услужни дејности, познат по кратенката Верди, минатата година, вкупниот приход во оваа дејност достигнал 14 милијарди евра. При тоа треба да се земе предвид фактот дека борделите уредно плаќаат данок, значително придонесувајќи во буџетот на градските власти.

Освен во Германија, проституцијата е легална и во Холандија, Австрија, Швајцарија, Унгарија, Грција, Турција и во некои федерални единици на Австралија, како и во само една од вкупно 50 сојузни држави во САД - во Невада.

Проституцијата е легална и во Луксембург, Летонија, Данска, Белгија и Финска, но не во бордели, кои се ставени надвор од законот.

 

Copyright © 2009 selotejp.com