-->

Малуда: Ќе ве стопиме!


Крилниот напаѓач на Челзи, Флорент Малуда со многу самодоверба го дочекува полуфиналниот дуел во Лигата на шампионите против моќната Барселона, убеден дека неговиот тим може да ја победи екипата која игра најубав и најефикасен фудбал во Европа сезонава.

Во Лигата на шампионите останаа само фудбалските џинови, кои треба да одлучат кој ќе биде шампион на Европа за 2009 година. И додека во англискиот двобој Манчестер Јунајтед и Арсенал ќе одлучуваат кој ќе ја претставува Премиерлигата во финалето, пред Челзи е тешка задача од натпреварувањето да го исфрли тимот кој сезонава игра феноменален фудбал, брилијантната Барселона, предводена од Меси, Ето, Чави, Иниеста и Анри...

Сепак, колку и Барса да се силна, во лондонскиот клуб се свесни дека имаат шанси да го повторат минатогодишниот успех. Меѓу оптимистите е и опасниот Малуда Флорент, крилниот напаѓач кој во последното коло од Премиерлигата му пресуди на Вест Хем.

„Ќе се стопите под нашиот притисок”, ги предупреди Малуда фудбалерите на Барселона, како што пренесува Сан, а потоа објасни: „Барса можеби не е навикната на притисок кој сме подготвени да им го наметнеме. Победата во Ливерул за нас беше голема инспирација и полни сме со самодоверба.”


Каталонците се разбира, не се плашат. Зад нив се безброј големи победи оваа сезона, а начинот на кој го прегазија Баерн Минхен предупредува дека се зрели за освојување на најдрагоцениот европски трофеј.

„Покажавме во последниот меч колку сме храбри”, ја коментрираше Тиери Анри викенд средбата со Валенсија. Барселона ја чека пеколен распоред следната недела, која вклучува два дуели со Челзи, средба со Реал Мадрид и Виљареал.

„Сега сме целосно концентрирани на Челзи, Реал Мадрид и Челзи”, најави славниот француски напаѓач, а првото големо дерби ќе се игра утре на Ноу Камп со почеток во 20:45.

 

Copyright © 2009 selotejp.com