-->

Пуштена во употреба новата хидроцентрала Матка

ЕВН Македонија денеска свечено ја пушти во употреба новата хидроелектрична централа Матка со двојно зголемена моќност од 9,6 мегавати и зголемен праг на ефикасноста за 90 отсто со проток од 42 метри кубни во секунда со што се овозможува целосно искористување на водата.

Новиот објект се наоѓа веднаш до старата машинска зграда и во него е инсталирана нова опрема, нови турбини од GE Норвешка и генератори од INDAR Шпанија. Хидроцентралата е комплетно автоматизирана со далечинско надгледување и управување.

Новата ХЕЦ Матка е ревитализирана од страна на чешката компанија „Хидропол“ која ја доби концесијата за модернизација и управување со седум мали хидроцентрали.

Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Георг Валднер, заблагодарувајќи се за соработката со „Хидропол“, рече дека со изградбата на новиот објект е зголемена моќноста на хидроцентралата, како и домашно производствените капацитети од обновливи избори на енергија.

Тој најави дека до крајот на годинава ќе бидат ревитализирани сите 11 мали хидроцентрали во државата.

Според чешкиот амбасадор во земјава Јозеф Браун, кој присуствуваше на свеченоста, хидроцентралата Матка е успешен пример за соработка меѓу Република Македонија и две земји - членки на ЕУ, Австрија и Чешка.

- Овој објект го сметам како чекор напред во соработката меѓу ЕУ и Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ, рече Браун.

Тој потенцира дека чешката компанија Хидропол во моментов е најголемиот чешки инвеститор во Македонија со инвестиција од вкупно 28 милиони евра. - Растечкиот интерес на чешките компании за македонскиот пазар се изразува преку зголемување на обемот на трговијата која во 2008 година достигна сума од 55 милиони евра или годишен раст од 32 отсто, подвлече Браун.

ХЕЦ Матка е изградена во 1938 година и во тоа време централата била основниот извор на снабдување со електрична енергија на градот Скопје. Реконструкцијата на ХЕЦ Матка е дел од инвестициската програма на ЕВН Македонија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com