-->

Обама му вети на Калдерон поддршка во борбата против нарко-картелите

Мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон го повика претседателот на САД Барак Обама, кој вчера пристигна во Мексико, да овозможи започнување нова ера во односите меѓу двете земји, заснована на борбата против наркокартелите.

Примајќи го својот гостин во претседателската резиденција „Лос Пињос“, Калдерон повика за нова ера, во која борбата против криминалот ќе биде прифатена како заедничка одговорност.

- Вашингтон и Мексико треба да работат заедно за создавање на Северна Америка, ослободена од тероризмот и организираниот криминал, рече Калдерон.

Тој повика и за развој на билатералните односи, пред се во сферата на економијата.

- За да се развиваме и напредуваме, треба да признаеме - Мексико има потреба од американски инвестиции, а САД од мексиканската работна рака, рече Калдерон, цитирајќи ја изјавата, која пред половина век ја кажа некогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди.

Обама исто така се заложи за соработка со Мексико, предлагајќи му на Калдерон партнерство во напорите за справување со накрокартелите.

Претседателот на САД вети помош за Мексико во борбата против трговијата со дрога и насилството, вклучувајќи и активности за стопирање на опасниот прилив на оружје од САД.

- Таа војна не може да се води со една рака. Во момент кога мексиканската Влада толку храбро се бори со наркокартелите, кои дејствуваат и од двете страни на границата, од најголема важност е силите да се обединат за решавање на проблемите. САД ќе се приклучат како полноправен партнер во борбата против шверцот на оружје и приливот на пари за нелегални активности за југ, изјави Обама.

Тој најави дека ќе побара од Конгресот да одобри средства за хеликоптери „Блек хок“, како помош за Мексико во борба против наркокартелите.

Двајцата претседатели зазедоа различни позиции во однос на санкциите против Куба.

Според Калдерон досегашната стратегија се покажала како неуспешна, со оглед на тоа што во изминатите 50 години ембаргото не успеало да ја принуди Куба да спроведе демократски реформи.

- Ние не веруваме дека ембаргото или изолацијата на Куба е добра мерка за да се променат нештата, рече мексиканскиот претседател.

Обама, пак, напомена дека оваа недела одобрил укинување на дел од санкциите, со што ќе им се овозможи на американски граѓани со кубанско потекло неограничено да патуваат на Куба и да им испраќаат пари на своите роднини во таа земја. Тој додаде дека очекува од Хавана реципрочни дејствија во сферата на почитување на човековите права.

- Односите, кои беа замрзнати 50 години, не можат да се растопат преку ноќ. Куба треба да покаже дека исто така сака да продолжи напред, со тоа што ќе ги укине сопствените ограничувања за патувањата на Кубанците и за слободното изразување на нивното мислење, додаде Обама.

Двајцата претседатели посигнале спогодба за ново партнерство во борбата против климатските промени и стимулирање на еколошките форми на производство на енергија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com