-->

Обединети кон врвот

Манчестер Јунајтед се врати на врвот во англиската Премиер лига откако по негатива од два гола, "се врати од мртвите" и фуриозно го победи Тотенхем со 5-2, со 5 постигнати голови во второто полувреме.

Дарент Бент и Лука Модриќ се погрижија Тотенхем да води 2-0 на полувремето и му обезбедија на тимот од "Вајт Харт Лејн“ позитива од два гола и според некои фудбалски аналитичари мирно второ полувреме, но тогаш, Кристијано Роналдо и Вејн Руни постигнаа по два гола, за на крајот, шлагот на тортата да го стави бившиот играч на Тотенхем, Димитар Бербатов за еуфорија на "Олд Трафорд“.

"Тоа беше брилијантен камбек. Првото полувреме игравме бавно и Тотенхем ни зададе премногу главоболки, поготово по десната страна“, изјави стрелецот на двата гола, Вејн Руни.

Но по се` изгледа, црна дамка на овој прекрасен натпревар ќе биде според многумина непостоечкиот пенал досуден за Манчестер Јунајтед во 57-та минута кога Кристијано Роналдо погоди и ја почна голејадата.

Што се однесува до состојбата на табелата на 5 кола пред крајот, актуелниот англиски шампион, Манчестер Јунајтед има натпревар помалку и 3 бода предност пред Ливерпул, кој го победи Хал со 3-1.

 

Copyright © 2009 selotejp.com