Група од околу 300 студенти од Филозофскиот факултет во Загреб вчера ја окупираа зградата на факултетот со барањето да се укинат таксите за високото образование, соопштија хрватските медиуми.
Студентите, обединети во Независна иницијатива за право на бесплатно образование, ги повикаа на солидарност сите студенти, професори и останати граѓани, затоа што, како што подвлекоа, општото и достапно за сите образование не е само во интерес на студентите, туку и на иднината на општеството.
Студентите, скандирајќи „бесплатна настава“, влегоа во факултетските сали и ги повикаа колегите да им се придружат.
Некои предавања на факултетот беа прекинати.
Студентите изјавија дека ќе продолжат со блокадата на Филозофскиот факултет, а за тоа време професорите ќе можат да се занимаваат со научна работа и да даваат консултации во своите кабинети.
Додека студентите протестираат, деканот на факултетот е на одмор во Бразил, па затоа настаните беа коментирани од заменик деканот, професор Дамир Борас. Тој истакна дека факултетот ги поддржува студентските барања за бесплатно учење, но не и прекинувањето на наставата и ултимативните и насилни активности без обиди за претходни разговори со управата на факултетот.
Борас ги повика студентите да продолжат нормално со работата и ги повика нивните претставници заедно со управата на факултетот да ги формулираат заедничките барања од името на 7.000 студенти и 750 вработени на Филозофскиот факултет и да ги испратат до надлежното Министерство за образование и до Владата.