Четириесет и четиригодишен прилепски полицаец е убиен во раните утрински часови пред ноќен клуб во близина на автобуската станица во Прилеп. За убиството извршено со огнено оружје се сомничи негов колега.
Началникот на итната медицинска помош, доктор Гоце Јонзоски изјави дека медицинската служба била повикана на местото на настанот околу 3.30 часот.
- На местото имало починато едно лице со неколку прострелни рани. Станува збор за 44-годишниот Гвозден Мирчески, вработен во прилепската полициска станица. Лекарите можеле само да ја утврдат смртта на Мирчески, поради неколку прострелни рани во телото и вратот, рече доктор Јонзоски.
Тој додаде дека најверојатно од пиштол биле испукани седум куршуми во телото на убиениот полицаец, кој бил пренесен во градската болница на реанимација, но таму била констатирана смрт.
Истражниот судија Даница Павлоска го потврди настанот и рече дека е направен увид и издаден налог за обдукција на убиенот за да се утврдат точните причини за смртта. Повеќе информации за настанот се очекуваат од СВР Битола.