-->

NASA во потрага по „изгубената“ планета

Сондите близнаци STEREO на американската NASA започнуваат со потрага по остатоци од древната планета која кружела околу Сонцето и блиску до Земјината орбита. Доколку пронајдат било што, можно е да се открие големата тајна - потеклото на Месечината.

„Планетата се вика Теја. Станува збор за свет на хипотези. Никогаш не сме ја виделе, но некои истражувачи веруваат дека постоела пред 4.5 милијарди години - кога после судирот со земјата се формирала Месечината“, изјави научникот Мајк Кајзер, вработен на проектот STEREO при вселенскиот центар Goodard.

Хипотезата „Теја“ први ја изнесоа теоретичарите од Принстон Едвард Белбруно и Ричард Гот. Започнува со популарната теорија за Големиот удар („The Big Splash“) по кој дошло до формирање на Месечината. Многу астрономи веруваат дека во формативните години на Сончевиот систем една протопланета со големина на Марс се судрила со нашата. Остатоци од оваа колизија, „мешаниот материјал“ на двете небески тела влегол во Земјината орбита и од тој материјал се создала Месечината.

Ова е солидна теорија, но едно „незгодно“ прашање останува без одговор: од каде се појавила толку голема протопланета? Таа планета се создала во исто време како и Земјата, во гравитациски стабилните точки на земјината орбита L4 и L5.

На тие места, планетезималите (големи парчиња на камен и помали астероиди) формирале поголемо тело, на ист начин како што се формирала и прото-Земјата. Откако планетите пораснале, нивните меѓусебни гравитациски влијанија, како и влијанијата од другите планети (Венера и Марс) резултирале со судир на овие две планети.

STEREO (Solar TErrestrial RElations Observatory) ќе бара појаси на астероиди токму во точките L4 и L5. Доколку се пронајде макар еден астероид, со испитување на неговиот состав би можело да се дојде до дефинитивен одговор за настанокот на нашата планета. Поконкретни резултати се очекуваат кон средината на октомври оваа година.

 

Copyright © 2009 selotejp.com