-->

Македонија до 10. мај треба да добие нов селектор

Во последната недела, кога треба да биде затворено прашањето со изборот на македонскиот фудбалски селектор, домашните кандидати избиваат во преден план.


Ако се слуша гласот на членовите на Управниот одбор на ФФМ, кои почнаа да го кажуваат својот став по селекторското прашање, тогаш повеќе од сигурно е дека наследникот на Словенецот Сречко Катанец, ќе биде побаран на домашен терен.

Тука, главниот збор во финишот ќе го има тројката Мирсад Јонуз, Чедомир Јаневски и Вујадин Станојковиќ. Со двајца од нив, Јонуз и Станојковиќ, челниците на ФФМ веќе ги направија прелиминарните разговори. Третиот, Јаневски, тренерот на белградска Црвена звезда, се' уште не добил повик за разговори на оваа тема.

"Последните три квалификациски циклуси им ги посветивме на „странците“ и ништо на резултатски план не се смени. Треба да се вратиме на домашен терен, што ќе не' чини многу поевтино" - вели Реџеп Беџети потпретседателот на ФФМ, кој учествуваше во прелиминарните разговори со Хрватот Бранко Иванковиќ и досегашниот помошник на Катанец, Вујадин Станојковиќ изминатава недела.

Ваквиот став го делат и поголемиот број од 15- члениот Управен одбор на ФФМ, но јавно не сакаат да се произнесат до седницата на која ќе биде донесена одлуката.

Седницата на „фудбалската влада“ е најавена за в петок. Дотогаш ќе бидат завршени сите прелиминарни разговори со кандидатите. Крајниот рок за промоција на новиот селектор е посочен 10 мај.

"УО ќе одлучи дали ќе избереме странец или домашен селектор, како и тоа дали квалификацискиот циклус ќе го завршиме со вршител на должноста или веднаш ќе се избере нов кормилар" - рече Харалампие Хаџи-Ристески, претседателот на ФФМ, по разговорите со првиот странец Иванковиќ.

 

Copyright © 2009 selotejp.com