-->

Мистериозно индиско ’близнаци’ село


Докторите се обидуваат да ја расветлат мистеријата на индиското село во кое официјално има дури 250 парови близнаци, на само две илјади семејства.

Во селото Кодини во индиската држава Керала се раѓаат шест пати повеќе близнаци од светскиот просек. Само во 2008 од 300 родени бебиња во селото, имало 15 пара близнаци, а годинава се очекува оваа бројка да биде поголема.

„Ова е вистинско генетско чудо“, вели локалниот лекар Кришнан Срибиџу кој веќе две години го проучува случајот Кодини.

Официјалната бројка на близнаци во селото е 250, додека Срибиџу смета дека таа цифра е околу 350.

„Она што фасцинира е што бројката на близнаци се зголемува секоја година“, вели тој и додава дека тој феномен почнал пред шеесетина години.

„Бидејќи не сум во можност да извршам детални биохемиски анализи не можам со сигурност да зборувам за причините за оваа појава, но мислам дека има нешто поврзано со исхраната на луѓето во селото“, вели доктор Срибиџу.

„Ако е навистина поради храната, тоа би било од голема помош за неплодните парови“, додава тој.

Срибиџу смета дека поради положбата на селото, се отфрла генетскиот фактор како објаснување за феноменот. Сите деца се здрави и без аномалии и деформитети.

 

Copyright © 2009 selotejp.com