-->

САД и Русија имаат одлична можност да ги обноват односите

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека САД и Русија имаат „одлична можност“ да ги подобрат односите во областа на многубројни прашања, вклучувајќи ги и клучните - нуклеарното оружје и светската економија.

- Како што реков порано, мислам дека постои одлична можност да се обноват односите меѓу САД и Русија за голем број прашања, од нуклеарното оружување до економските врски за двете земји и начинот на кој се бориме против кризата, која ги загрози економиите на земјите во светот, истакна Обама по состанокот во Белата куќа со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Обама додаде дека двете држави можат да го преразгледаат својот пристап кон иранската нуклеарна програма и Блискиот Исток, како и кога е во прашање ситуацијата во Авганистан и Пакистан.

Обама и Лавров настојувале да ги избегнат спорните прашања кои ги разделуваат нивните земји, нагласувајќи ги за време на средбата само позитивните аспекти во односите меѓу двете држави.

Средбата која треба да се одржи во Москва меѓу Обама и рускиот претседател Дмитриј Медведев би можела да биде можност двајцата шефови на држави да ја разгледаат рамката за нов договор за стратешко оружување, за што САД и Русија на 18 мај ќе започнат разговори за договорот кој ќе го замени СТАРТ 1 - Договор за намалување на стратешкото оружје, чија важност истекува до крајот на годинава.

 

Copyright © 2009 selotejp.com